Skip to content

Истражување за примена на ИКТ во одделенска настава

Податоците и заклучоците од ова истражување се извадок од магистерскиот труд Компјутерски алатки во Scratch за наставата по математика во прв воспитно – образовен период на м-р Гордана Мишевска.

Целта на ова истражување е:

  • да се оценат условите за примена на ИКТ во наставата по математика во одделенска настава
  • да се оцени степенот на примена на ИКТ во одделенска настава по предметот математика
  • да се направи самооценка на вештините и способноста за примена на ИКТ од страна на одделенските наставници
  • да се утврди колку одделенските наставници слушнале за програмата Scratch и колку сметаат дека ја владеат
  • да се увиди заинтересираноста на одделенските наставници за посетување на обуки за подобри ИКТ вештини и совладување на програмата Scratch

Популацијата на ова истражување се сите одделенски наставници од прво до петто одделение во основните училишта во Република Северна Македонија.

Истражувањето се спроведе со користење на инструментот – анкетен прашалник.

1.1    Анкетен прашалник

Анкетата се спроведе електронски во периодот од 23.04.2020 година до 03.06.2020 година.

Анкетниот прашалник за истражувањето беше изработен во Google forms. Прашалникот го одговорија 214 одделенски наставници до кои пристапив преку пет групи за одделенски наставници (за прво, второ, трето, четврто и петто одделение) на социјалната мрежа Facebook и преку испраќање на порака до мејл адреси од основните училишта во РСМ со објаснување дека е наменета за одделенски наставници. Пристапот до прашалникот се овозможи со споделување на соодветниот линк од прашалникот.

Прашањата во анкетниот прашалник беа поделени во три групи:

  1. Генерални податоци
  2. Услови и примена на ИКТ
  3. Scratch

Во делот I. Генерални податоци се вклучија прашања со одбирање на веќе понудени одговори (со повеќекратен избор) и тоа за:

  • Пол (опции: машки, женски)
  • Работен стаж во настава (Опции: 0 – 5 години, 5 – 10 години, 15 – 20 години, 25 – 30 години, повеќе од 30 години)
  • Општина на училиштето (во опции беа наведени сите општини во РСМ)
  • Дали училиштето се наоѓа во градска или во рурална средина
  • Јазик на изведување на наставата (опции: македонски, албански, турски, српски, ромски, друг)
  • Одделение во кое предава наставникот во тековната учебна година (опции: прво, второ, трето, четврто, петтто)

Во делот II. Услови и примена на ИКТ се содржеа следните прашања:

  • Какви се условите за примена на ИКТ (информатичко-компјутерска технологија) во наставата во вашето училиште? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  • Какви се условите за примена на ИКТ (информатичко-компјутерска технологија) во наставата во вашата училница? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  • Колку често користите ИКТ во наставата по математика? (одговор со повеќекратен избор: многу често –  често – ретко – многу ретко – никогаш)
  • Како ја оценувате примената на ИКТ во наставата во Вашето училиште? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  • Како ја оценувате примената на ИКТ во наставата по математика што ја изведувате Вие? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  • Какви ИКТ алатки (програми, апликации) користите во наставата по математика? (одговор со дополнување)
  • Кои интернет страници (за наоѓање активности или линкови со онлајн активности) ги користите во наставата по математика? (одговор со дополнување)
  • Дали сте слушнале за Scratch? (одговор со двоен избор: да или не)

Во зависност од одговорот на последното прашање од претходниот дел, делот III. Scratch се состои од следните прашањa:

  1. Ако испитаникот слушнал за Scratch тогаш за него следуваат прашањата:
  2. Дали сте посетувале обука за Scratch? (одговор со избор: да или не)
  3. Како го оценувате Вашето познавање на програмата Scratch? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  4. Како ја оценувате Вашата примена на Scratch во наставата? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  5. Ако испитаникот не слушнал за Scratch тогаш за него следуваат прашањата:
  6. Дали сакате да посетите обука за Scratch? (одговор со избор: да или не)
  7. Како ја оценувате можноста за обуки за ИКТ во наставата во вашето училиште? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)
  8. Како ја оценувате заинтересираноста на наставниците за посета на обука за ИКТ во наставата? (одговор со повеќекратен избор: Одлично –  многу добро – добро – доволно – незадоволително)

1.2    Анализа

Во период од 23.04.2020 до 03.06.2020 е направена електронска анкета на одделенски наставници од основни училишта при што се добиени 214 одговори. Од првиот дел на анкетата е утврдено дека 201 испитаници се женски, а 13 машки. Ова донекаде ја отсликува и сегашната полова структура на одделенските наставници во Република Северна Македонија.

Дијаграм 3‑1 Полова структура на испитаниците

Во однос на прашањето за работен стаж во настава, од графиконот може да заклучиме дека е рамномерна застапеност од сите групи на работно искуство (0 – 5 години, 5 – 10 години, 10 – 15 години, 15 – 20 години, 20 – 25 години, 25 – 30 години, над 30 години).

Дијаграм 3‑2 Структура според работен стаж на испитаниците

Испитаниците се од цела Македонија од вкупно 54 општини.  Општини со најмногу испитаници се: Битола 16,8% (36 испитаници), Куманово 11,2% (24 испитаници), Карпош 8,4% (18), Кисела Вода 7,5% (16 испитаници), Гази Баба 5,6% (12 испитаници), Прилеп 3,7% (8 испитаници), Ресен, Охрид и Аеродром по 3,3% (по 7 испитаници), Бутел 2,3% (5 испитаници).




Дијаграм 3‑3 Структура на испитаници по општини

Според анкетата може да заклучиме дека 62,1% од училиштата се во градска средина, додека 37,9 % се во рурална средина.

Дијаграм 3-4 Структура според градска или рурална средина

Во однос на јазикот на кој се изведува наставата: 202 од испитаниците изведуваат настава на македонски јазик, 10 на албански, 4 на турски јазик и 1 на друг јазик.

Дијаграм 3 5 Структура според јазик на кој се одвива наставата

Подолу може да се види распределбата на наставници во различни одделенија, при што дел од испитаниците предаваат во комбинирани паралелки со повеќе одделенија.

Дијаграм 3‑6 Структура според одделенија во кои предаваат[1]

Во делот од прашањата кои се однесуваат на условите за примена на ИКТ (информатичко-компјутерска технологија) во наставата во училиштето и во училницата на испитаниците добиени се подолниве одговори.  Во однос на условите за примена на ИКТ (информатичко-компјутерска технологија) во наставата во училницата, само 57% од испитаниците се задоволни од условите во нивната училница (одговориле, добро, многу добро и одлично), а 67% се задоволни од условите во нивното училиште.

Дијаграм 3-7 Структура на изјави за условите на ИКТ

Од вкупниот број на испитаници 47% често користат ИКТ во наставата по математика, 29,4 % ретко, 11,2% многу често, 8,9% ретко и 3,3% никогаш. Од тука може да заклучиме дека ⅔ од испитаниците користат почесто, додека останатие ⅓ поретко ИКТ во наставата по математика.

Дијаграм 3-8 Изјави за користење на ИКТ во наставата

Подолу е даден графикон кој дава одговор на прашањата: „Како ја оценувате примената на ИКТ во наставата во вашето училиште?” и „Како ја оценувате примената на ИКТ во наставата по математика што ја изведувате Вие?“ кои не варираат многу од нормалната распределба на одговорите.

Дијаграм 3‑9 Оценки за примена на ИКТ во наставата

Поставени се две прашања со цел да се добие квалитативен одговор на истите и да се определи потребата од ресурси. Во однос на прашањето „Какви ИКТ алатки (програми, апликации) користите во наставата по математика?“ најчест одговор беше Power Point, но имаше и одговори како Kahoot,  GeoGebra, YouTube, Edmodo, Facebook, Zoom, Match, XtraMath, JetMinds и така натаму. Од направеното истражување на алатки и интернет страници, може да заклучиме дека нема систематизирана листа на ИКТ алатки кои се користат во наставата по математика, и според тоа постои голема потреба од такви алатки.

Исто така во однос на прашањето „Кои интернет страници (за наоѓање активности или линкови со онлајн активности) ги користите во наставата по математика?“ иако се дадени интернет страници како: Google, YouTube, Eduino, Scratch или други, не постои интернет страница која почесто се јавува како ресурс што го користат самите испитаници.

Од тука може да ја потврдиме првата поттеза дека: „Одделенските наставници имаат потреба од повеќе соодветни ИКТ ресурси и компјутерски алатки за примена во наставата по математика“

Следниот дел на истражувањето се однесува на Scratch како алатка за користење во наставата по математика. Во однос на прашањето „Дали сте слушнале за Scratch“, 61,7% од испитаниците одговориле дека слушнале, а остатокот од 38,3% дека не слушнале за Scratch.

Дијаграм 3‑10  Информираност за Scratch

Од испитаниците кои слушнале за Scratch (132 испитаници), 77,3%  од нив посетувале обука за Scratch, додека останатите 22,7% не посетувале.

Дијаграм 3‑11 Посетени обуки за Scratch

Иако посетувале обука само половина од испитаниците позитивно го оценуваат своето познавање на програмата Scratch (51,6%) и сопствената примена на Scratch во наставата (47,5%). Во графиконот подолу очигледно е незадоволството од стекнатото знаење и употребата на истото, што е резултат на квалитетот на досегашните обуки за Scratch.

Дијаграм 3‑12 Оцени за знаење и примена на Scratch

Од друга страна, од тие што не слушнале за Scratch, 87,8% сакаат да посетат обука за Scratch. Ова претставува висок степен на интерес на испитаниците и дава потврда на првата подтеза.

Дијаграм 3‑13 Интерес за обуки во Scratch

Врз основа на оценката за можноста за обуки за ИКТ во наставата во сопственото училиште, е претставено, дека во речиси 4 / 5 од училиштата постои можност за држење на вакви обуки (78,2%). Во однос на заинтересираноста на наставниците за посета на обука за ИКТ во наставата, 3/4 изразиле заинтересираност (одговориле, добро, многу добро и одлично) (76,38%).

Дијаграм 3‑14 Можност и заинтересираност за обука во Scratch

1.3  Заклучок од истражувањето

  • Околу две третини од наставниците се задоволни од условите за ИКТ во нивната училница и во нивното училиште
  • Од истражувањето нема систематизирана листа на ИКТ алатки кои се користат во наставата по математика, и според тоа постои голема потреба од такви алатки. Ова значи дека одделенските наставници имаат потреба од повеќе соодветни ИКТ ресурси и компјутерски алатки за примена во наставата по математика
  • Околу три петтини од наставниците слушнале за Scratch како алатка, при што од тие што слушнале за Scratch,  четири од пет наставници имаат посетуванo обука за Scratch
  • Од тие што посетувале обука, само половина од нив позитивно го оценуваат своето познавање на програмата Scratch и сопствената примена на Scratch во наставата
  • Речиси девет од десет наставници, од тие што не слушнале за Scratch, сакаат да посетат обука за Scratch
  • Во четири од пет училиштата постои можност за држење на обуки за ИКТ
  • Три од четири наставници се заинтересирани за посета на обука за ИКТ во наставата

[1] Еден наставник може да предава во повеќе одделенија во случај на мешани паралелки